Регистар за продажба со задржување на право на сопственост

Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост кој се води во рамките на Централниот регистар е воведен и функционира согласно Законот за обезбедување на побарувањата (Сл. Весник на Република Македонија 87/07 и 31/16). Со овој Закон се уредени начинот, условите и постапката за засновање, постоење и престанување на обезбедување на побарување со продажба со задржување на правото на сопственост. Со продажбата со задржување на правото на сопственост се обезбедува побарувањето на продавачот, на начин што продавачот на подвижен индивидуален предмет и на предмети за кои се водат посебни јавни книги може со посебна одредба на Договорот да го задржи правото на сопственост се додека купувачот не ја исплати цената во целост.

Во Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост се врши упис, промена, бришење и давање на информација за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост. Регистрација, промена или бришење се врши врз основа на нотарски акт или потврда од страна на нотарот за склучениот Договор за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост (солемнизација). Овие акти во регистарот ги доставува нотарот, од него овластено лице или договорните странки доколку така се договорат, во рок од пет работни дена од потврдувањето на Договорот или изготвувањето на нотарскиот акт, односно од настанувањето на промената, односно од престанокот или раскинувањето на Договорот. Договорот произведува правно дејство со моментот на впишување во Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост.
Доставувањето на документацијата за регистрирање, промена, бришење, како и барањето за давање на информација се врши во писмена форма во Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост или електронска форма преку системот за електронска регистрација во Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост.

Секое правно или физичко лице може да бара информација од Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост. Информација се дава врз основа на барање за издавање на информација. Подносителот на барањето во образецот го наведува предметот на барањето и вака оформен се доставува во писмена форма во Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост или електронска форма преку системот за електронска регистрација во Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост. Истата веднаш се издава на подносителот. 

За извршениот упис, настанатите промени и бришење се издава потврда во писмена или електронска форма, при што исправaта за упис мора да ги содржи битните елементи од Договорот, денот и часот на приемот на барањето во регистарот, како и времето на издавање на исправата.

За извршениот упис, промена и бришење, како и за издавањето на информација од Регистарот за продажба на подвижни ствари со задржување на правото на сопственост се наплаќа соодветен надомест, утврден со Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија.

Сите податоци од извршените уписи во регистрите што се објавени, односно достапни на веб локацијата на Централниот регистар на Република Македонија може да се користат на начин определен со Законот за Централен регистар, односно со друг закон, исклучиво за лични, некомерцијални потреби.
Податоците не смее да се репродуцираат, објавуваат, дистрибуираат, модифицираат, копираат, продаваат, препродаваат и/или злоупотребуваат комерцијално на било кој начин, делумно или целосно, без претходна согласност од Централен регистар на Република Македонија.