Фидуцијарен регистар

Регистарот за обезбедување со пренос на сопственост на предмети и пренос на права (Фидуцијарен регистар) кој се води во рамките на Централниот регистар е воведен и функционира согласно Законот за обезбедување на побарувањата (Сл. Весник на Република Македонија 87/07 и 31/16). Со овој Закон се уредени начинот, условите и постапката за засновање, постоење и престанување на фидуцијарниот пренос на правото на сопственост врз подвижни предмети и права врз основа на Договор. Со фидуцијарниот пренос на правото на сопственост врз подвижни предмети и права се обезбедува побарувањето на доверителот, на начин што должникот од одреден облигационен однос се обврзува да му го пренесе правото на сопственост врз определен свој предмет или да му отстапи некое свое преносливо право на доверителот, а доверителот по намирувањето на своето побарување се обврзува да му го врати правото на сопственост врз предметот, односно да му го врати самото право.

Во Фидуцијарниот регистар се врши упис, промена, бришење и давање на информација за фидуцијарниот пренос на правото на сопственост врз подвижни предмети и права. Регистрација, промена или бришење се врши врз основа на нотарски акт или потврда од страна на нотарот за склучениот Договор за фидуцијарен пренос на  правото на сопственост врз подвижни предмети и права (солемнизација). Овие акти во регистарот ги доставува нотарот, од него овластено лице или договорните странки доколку така се договорат, во рок од пет работни дена од потврдувањето на Договорот или изготвувањето на нотарскиот акт, односно од настанувањето на промената, односно од престанокот или раскинувањето на Договорот. Договорот произведува правно дејство со моментот на впишување во Фидуцијарниот регистар.
Доставувањето на документацијата за регистрирање, промена, бришење, како и барањето за давање на информација се врши во писмена форма во Фидуцијарниот регистар или електронска форма преку системот за електронска регистрација во Фидуцијарниот регистар.

Секое правно или физичко лице може да бара информација од Фидуцијарниот регистар. Информација се дава врз основа на барање за издавање на информација. Подносителот на барањето во образецот го наведува предметот на барањето и вака оформен се доставува во писмена форма во Фидуцијарниот регистар или електронска форма преку системот за електронска регистрација во Фидуцијарниот регистар. Истата веднаш се издава на подносителот. 

За извршениот упис, настанатите промени и бришење се издава потврда во писмена или електронска форма, при што исправaта за упис мора да ги содржи битните елементи од договорот, денот и часот на приемот на барањето во регистарот, како и времето на издавање на исправата.

За извршениот упис, промена и бришење, како и за издавањето на информација од Фидуцијарниот регистар се наплаќа соодветен надомест, утврден со Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија.

Сите податоци од извршените уписи во регистрите што се објавени, односно достапни на веб локацијата на Централниот регистар на Република Македонија може да се користат на начин определен со Законот за Централен регистар, односно со друг закон, исклучиво за лични, некомерцијални потреби.
Податоците не смее да се репродуцираат, објавуваат, дистрибуираат, модифицираат, копираат, продаваат, препродаваат и/или злоупотребуваат комерцијално на било кој начин, делумно или целосно, без претходна согласност од Централен регистар на Република Македонија.