Регистар за лизинг

Регистарот за лизинг е востановен во согласност со Законот за лизинг (Сл.Весник на Република Македонија 4/02, 49/03, 13/06, 88/08, 35/11, 51/11, 148/13, 145/15 и 23/16). Со Законот за лизинг се уредува начинот и условите на вршење на лизинг на подвижни и недвижни предмети, како и правата и обврските на страните во Договорот за лизинг. Со овој Закон е предвидена обврска за давателот на финансиски лизинг да го регистрира предметот кој е предмет на Договорот за лизинг во посебен регистар кој се води во рамките на Централниот регистар на Република Македонија, во рок од пет работни дена од денот на потпишувањето на Договорот за лизинг.

 Во согласност со Законот за лизинг, даватели на лизинг се домашни трговски друштва и странски трговски друштва кои имаат основано подружница во Република Македонија, во согласност со Законот за трговски друштва. Трговското друштво и подружница на странското трговско друштво за да може да биде давател на финансиски лизинг во Република Македонија треба да добие дозвола од Министерството за финансии за вршење финансиски лизинг. Министерството за финансии за секоја издадена и одземена дозвола за вршење на лизинг го информира Централниот регистар. На овој начин Централниот регистар формира база на податоци за сите правни лица на кои им е издадена дозвола за вршење на лизинг во Република Македонија, како и за сите промени по однос на нивните дозволи.
Врз основа на Законот произлегува обврската за давателите на лизинг да го регистрираат предметот кој е предмет на Договорот за лизинг, како и согласно со Законот, давателот на лизинг е должен да го извести Централниот регистар, односно да ја регистрира секоја промена настаната во врска со предметот на Договорот за лизинг.

Регистрацијата на документите за лизинг се врши врз основа на Договор за лизинг заверен кај нотар и Образец бр.1 – Пријава за регистрација, промена или бришење на лизинг (Тарифа и обрасци), како и останати пропратни документи.
Доставувањето на документацијата за регистрација, промена или бришење, како и Образецот бр. 2 – Барање за издавање на информација за лизинг (Тарифа и обрасци), се врши во писмена форма во Регистарот за лизинг или електронска форма преку системот за електронска регистрација на лизинг.

При приемот на доставената документација се врши контрола во веќе оформената база на податоци за давателите на лизинг, односно дали давателот на лизинг има дозвола за вршење таква дејност, се врши контрола на правно релевантните податоци од пријавата, се внесуваат истите и веднаш по одобрувањето на извршениот упис на странката и се издава Потврда за регистрација, промена или бришење, која ги содржи сите внесени податоци од пријавата (податоци за подносителот на пријавата, за давателот на лизинг, за корисникот на лизинг, опис на предметот на лизинг или промената на предметот на лизинг, вредноста на предметот даден на лизинг, краен рок на договорот за лизинг, правниот основ на лизингот, како и содржина на прилозите и дополнителни информации). Поднесената документација се враќа на подносителот, а во регистарот се чуваат пресликаните (скенираните) документи.

Од овој регистар секое правно или физичко лице може да побара информација со поднесување на Образец бр. 2 – Барање за издавање на информација за лизинг и тоа: информација за комплетните податоци од упис по единствен деловоден идентификационен број; за корисник на лизинг; за предмет на лизинг.

 

За извршениот упис, промена и бришење на лизингот од Регистарот за лизинг, како и за издавањето на информација се наплаќа соодветен надомест, утврден со Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија

 

 

 

 

Сите податоци од извршените уписи во регистрите што се објавени, односно достапни на веб локацијата на Централниот регистар на Република Македонија може да се користат на начин определен со Законот за Централен регистар, односно со друг закон, исклучиво за лични, некомерцијални потреби.
Податоците не смее да се репродуцираат, објавуваат, дистрибуираат, модифицираат, копираат, продаваат, препродаваат и/или злоупотребуваат комерцијално на било кој начин, делумно или целосно, без претходна согласност од Централен регистар на Република Македонија.