Регистар на права врз недвижности

Согласно со Законот за Централниот регистар („Службен весник на РМ“ број 50/2001, 49/2003, 109/2005 и 81/2008) во Централниот регистар функционира и Регистарот на права врз недвижности. Во овој регистар не се врши упис на правата врз недвижностите. Запишувањето на правата врз недвижностите се врши во Агенцијата за катастар на недвижности. Централниот региста, преку системот на интероперабилност остварува електронски поврзување со Агенцијата за катастар на недвижности, со што е овозможено изворно преземање на податоците за регистрираните права врз недвижен имот. Централниот регистар издава информации за правата врз недвижностите кои се запишани во имотните листови, а се однесуваат на податоци за сопствениците, податоци за парцелите и објектите на тие парцели и податоци за товарите.

Информациите кои се издаваат од овој Регистар имаат информативен карактер. Со нив не се докажува правото на сопственост.

Издавањето на информации се врши врз основа на поднесено барање за издавање на информација на посебен образец (види: Информативни содржини; Обрасци за издавање информации; т.11). Образецот може да се пополнува електронски и рачно. Во него се наведуваат податоци за подносителот на барањето – Име и презиме, адреса и телефон за контакт. Во критериуми за пребарување се избира еден од критериумите и тоа: број на имотен лист, број на катастарска парцела, име или назив на сопственикот (податокот за адреса не служи за пребарување, туку истиот е дополнителен критериум доколку се појават повеќе лица со исто име и презиме) и по ЕМБС односно ЕМБГ. По извршеното пребарување Регистарот за права врз недвижности издава информација во којашто се содржани бараните податоци за запишаните права на сопственост и сите евидентирани товари вклучително и запишаните хипотеки. Централниот регистар не издава документи - потврди за кои исклучиво е надлежна Агенцијата за катастар на недвижности како што се потврда дали некое лице не поседува недвижен имот, или дека некој имот не е под хипотека.

 

Надоместокот за добивање на податоци од Регистарот за права врз недвижности е утврден со Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија.

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите податоци од извршените уписи во регистрите што се објавени, односно достапни на веб локацијата на Централниот регистар на Република Македонија може да се користат на начин определен со Законот за Централен регистар, односно со друг закон, исклучиво за лични, некомерцијални потреби.
Податоците не смее да се репродуцираат, објавуваат, дистрибуираат, модифицираат, копираат, продаваат, препродаваат и/или злоупотребуваат комерцијално на било кој начин, делумно или целосно, без претходна согласност од Централен регистар на Република Македонија.