Општи одредби за упис

РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ ПРИЈАВА ЗА УПИС ВО ТРГОВСКИОТ РЕГИСТАР
 

Субјектите за коишто е утврден задолжителен упис во трговскиот регистар се должни во рок од петнаесет дена од денот на стекнувањето на условите за поднесување пријава за упис во трговскиот регистар да поднесат пријава за упис, освен ако со Законот за трговските друштва (Закони поврзани со ЦР) и со друг закон поинаку не е определено.
По истекот на три месеца од денот на стекнување на условите за поднесување пријава, Централниот регистар нема да ги запише податоците и пријавата ќе ја отфрли освен ако со овој закон поинаку не е определено.

 

ПОВЕДУВАЊЕ НА ПОСТАПКА
 

Постапката за упис во трговскиот регистар се поведува со поднесување писмена пријава на пропишан образец, поднесена од овластен подносител, во којашто е содржано барањето за упис.

Правилникот за формата и содржината на обрасците за упис во трговскиот регистар и регистарот на други правни лица (Закони поврзани со Ц е донесен од Министерот за економија и е објавен во Службен весник на РМ 115/05. Составен дел на Правилникот е и Упатството за пополнување на обрасците.

Пријавата упис се поднесува до канцеларијата за упис на Централниот Регистар.

Пријава за упис на трговско друштво поднесува органот на управување, односно овластен член на органот на управување, освен ако со ЗТД поинаку не е определено.

Пријавата од ставот (2) на овој член може да ја поднесе и полномошник со полномошно дадено од овластениот подносител, заверено кај нотар, освен ако со ЗТД поинаку не е определено.

За вистинитоста и за законитоста на податоците одговара овластениот подносител, односно лицата определени со ЗТД.

 

 

ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЛОЗИ
 

Со пријавата за упис во трговскиот регистар се поднесуваат и потребните прилози (исправи и докази) во коишто се содржани податоците што се запишуваат во трговскиот регистар.

Ако се внесува непаричен влог во недвижна ствар се доставува и доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар) - доказ за сопственост над подвижната ствар.

Ако со закон е определено доставување на одобрение од надлежен орган со пријавата се приложува и тој доказ.
Во пријавата за упис не може да бидат внесувани и други податоци освен оние, кои според овој закон, се запишуваат во трговскиот регистар, или да се бара од субјектот на уписот да доставува други прилози (исправи и докази), освен оние кои со овој закон е определено дека мора да бидат приложени кон пријавата за упис.

 

Сите податоци од извршените уписи во регистрите што се објавени, односно достапни на веб локацијата на Централниот регистар на Република Македонија може да се користат на начин определен со Законот за Централен регистар, односно со друг закон, исклучиво за лични, некомерцијални потреби.
Податоците не смее да се репродуцираат, објавуваат, дистрибуираат, модифицираат, копираат, продаваат, препродаваат и/или злоупотребуваат комерцијално на било кој начин, делумно или целосно, без претходна согласност од Централен регистар на Република Македонија.