Република Македонија на прво место во Европа според индикаторот Отпочнување бизнис

Најновиот извештај „Дуинг бизнис 2015“ на Светската банка ја рангира Република Македонија на ПРВО место во Европа, а ТРЕТО место во светот, според индикаторот отпочнување бизнис, што е во надлежност на Централниот регистар на Република Македонија. Во генералното рангирање, Република Македонија бележи напредок од едно место и е рангирана на високото 30-то место во светски рамки и 16-то место во Европа.

Овој успех е резултат на внимателно планирани и прецизно обмислени реформи во постапката за регистрирање на трговско друштво и трговец-поединец во Република Македонија, коишто беа спроведени во тесна координација помеѓу Централниот регистар, Владата на Република Македонија и неколку министерства и други владини тела. Со соодветни измени на Законот за трговски друштва и Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, процедурата за отпочнување бизнис се сведе на само еден единствен чекор со посета на едно единствено место, преку постоечкиот систем за е-регистрација на Централниот регистар. Со овие измени се воведе нова категорија на овластени подносители во трговскиот регистар, регистрациони агенти, кои имаат овластување изворно да ги состават пријавата за регистрација и прилозите кон истата, како и да конвертираат документи издадени во хартиена форма од други институции во соодветна електронска форма, и истите да ги потпишат со свој дигитален сертификат и да ги поднесат во име и за сметка на странката. Исто така, регистрационите агенти имаат овластување да го утврдуваат идентитетот на учесниците во постапката, со што целосно се елиминираше потребата од нотарски заверки на актот за основање и на соодветните прилози.

Од март годинава, со дополнителни законски измени, основањето фирма преку регистрациони агенти стана и единствен начин на поднесување пријави за упис на основање во Трговскиот регистар.

Дополнително, во насока на поедноставување на постапката за отпочнување бизнис, со соодветни измени на Законот за трговските друштва се елиминираше потребата од задолжителна употреба на официјален печат на правните субјекти во правниот промет. Со оваа реформа дополнително се поедностави правниот промет во земјата и се елиминира еден цел чекор при процедурата за отпочнување на бизнис – набавувањето на печат.

Она што Светската банка, исто така, го забележа е дека Република Македонија се приближила и до најдобрите глобални практики во овој индикатор, што според нив е уште поважна мерка за напредокот од самото рангирање, бидејќи не зависи од релативната перформанса на другите земји.

Сите податоци од извршените уписи во регистрите што се објавени, односно достапни на веб локацијата на Централниот регистар на Република Македонија може да се користат на начин определен со Законот за Централен регистар, односно со друг закон, исклучиво за лични, некомерцијални потреби.
Податоците не смее да се репродуцираат, објавуваат, дистрибуираат, модифицираат, копираат, продаваат, препродаваат и/или злоупотребуваат комерцијално на било кој начин, делумно или целосно, без претходна согласност од Централен регистар на Република Македонија.