НОВИ РЕГИСТРИ ВО ЦЕНТРАЛНИОТ РЕГИСТАР

 Во насока на зголемување на правната сигурност во Република Македонија, како и заради олеснување на пристапот до кредити за стопанството, а согласно член 50-а и 50-б од Законот за обезбедување на побарувањата, во Централниот регистар на Република Македонија се воспоставија и почнаа да функционираат два нови регистри, и тоа Регистар за продажба со задржување на правото на сопственост и Регистарот за обезбедување со пренос на сопственост на предмети и пренос на права (Фидуцијарен регистар). Овие регистри овозможуваат евидентирање и објавување на два нови видови на обезбедување на побарувања, што ја зголемува транспарентноста во правниот промет и претставува нова алатка за обезбедување на побарувањата при кредитирањето на бизнисите.

Уписите во овие регистри се вршат врз основа на нотарски солемнизирани договори или нотарски акти за обезбедување на побарувањата, и истите може да се извршат по електронски пат согласно Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис, или пак, во хартиена форма во регионалните регистрациони канцеларии на Централниот регистар, на пропишани обрасци. Уписите во регистрите се од конститутивен карактер, односно договорите произведуваат правно дејство со моментот на впишување во соодветниот регистар, коешто мора да се изврши во рок од пет работни дена од солемнизирањето на договорот, односно составувањето на нотарскиот акт. Во регистрите се поднесуваат и пријави за запишување на промени и бришења што произлегуваат од измени на соодветните договори.

Дополнително, преку постоечките системи се овозможи и поедноставно пребарување во овие регистри и во Заложниот регистар и во Регистарот на лизинг, при што секоја заинтересирана страна сега и по електронски пат, без потреба од доаѓање во некоја од канцелариите на Централниот регистар, може да добие информација за оптоварени движни предмети по критериум сопственик, предмет или деловоден број на пријавата.

Со воведувањето на овие регистри се воспостави унифицирана правна рамка за обезбедени трансакции што ги опфаќа создавањето, јавноста и извршувањето на функционалните еквиваленти на залогот. Во дизајнирањето на регистрите се следеа најдобрите светски практики, како и методологијата на Светската банка во делот на обезбедените трансакции, модел-законите на Европската банка за реконструкција и развој и препораките на Комисијата за меѓународно трговско право при Обединетите Нации (UNCITRAL). Анализирани беа компаративните искуства од регионот и пошироко, а вклучени беа експерти од Министерството за правда и Министерството за финансии, претставници од судовите и од Нотарската комора на Република Македонија.

Сите податоци од извршените уписи во регистрите што се објавени, односно достапни на веб локацијата на Централниот регистар на Република Македонија може да се користат на начин определен со Законот за Централен регистар, односно со друг закон, исклучиво за лични, некомерцијални потреби.
Податоците не смее да се репродуцираат, објавуваат, дистрибуираат, модифицираат, копираат, продаваат, препродаваат и/или злоупотребуваат комерцијално на било кој начин, делумно или целосно, без претходна согласност од Централен регистар на Република Македонија.